Во службениот записник е констатирано дека последниот напад на мечот со Струга не бил снимен. Пропозициите содржат посебна одредба за неснимени спорни ситуации и парична казна за домаќинот.
Прилеп и Струга одиграа нерешено, 29-29, во салата „Ристе Ристески – Ричко“, но последните седум секунди отворија прашање што може да добие и дисциплинска завршница. Последниот напад на гостите не e снимен, а овој пропуст е изрично наведен во службениот записник од натпреварот.
Во забелешката е запишано дека натпреварот бил пренесуван во живо, но снимателот не го снимил последниот напад. Наведено е и дека судиите, според своето убедување, досудиле слободен удар од девет метри. А тоа може да се утврди и доколку се гледа натпреварот и последните секудни.
Токму неснимениот напад го отвора прашањето за одговорноста на Прилеп како домаќин. Член 21 од пропозициите за Супер машката лига за сезоната 2025/26 изрично предвидува:
„Во случај домаќинот стручно и квалитетно не го сними натпреварот, (на натпреварот имало спорни ситуации-прекини кои не се снимени), домаќинот ќе биде казнет со парична казна од 100.000,00 денари.“
Истиот член предвидува покренување дисциплинска постапка за утврдување на одговорност. Обврската за снимање ги опфаќа сите случувања на теренот, од загревањето, преку полувремето и тајм-аутите, до моментот кога играчите и службените лица ќе го напуштат теренот.
Одредбата за казна од 100.000 денари за неснимени спорни ситуации е содржана и во јавно објавениот предлог на пропозициите за сезоната 2026/27.
Во записникот е наведено и дека пред и по натпреварот немало примедби од двете екипи, а судењето е оценето како многу добро. Истовремено, јасно е забележан пропустот со снимањето на последниот напад.
Дали Прилеп ќе добие казна од 100.000 денари ќе зависи од утврдувањето на одговорноста и примената на важечките пропозиции од надлежните органи на РФМ.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























