Драчево го освои Илинден

Тимот на Драчево Јуниор ја продолжи серијата без пораз во прволигашката конкуренција и сега има две реми и две победи по четири меча.

Избраниците на Велимир Настески прославија триумф на гостувањето кај Илинден со убедливи 39-32.

Гостите поведоа со 6-1, а на паузата водеа со 16-12. На стартот на второто полувреме преку Стојменов и на двапати Крстески отидоа и на плус седум, 19-12, па во продолжение немаше дилеми околу победникот.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Виктор Панчевски со седум и Стефан Крстески со шест гола, а седум погодоци за Илинден даде Стефан Зенговски.