ИСТОРИСКИ ДЕБАКЛ: ГОГ Гудме го прегази Алборг!

ГОГ Гудме не приреди сензација со триумфот над актуелниот шампион Алборг со 39:27, но му го нанесе најтешкиот пораз во домашното првенство во последните 13 години.

Иако по првите 30 минути ништо не навестуваше ваков епилог, бидејќи ГОГ Гудме имаше само плус два 16:14, второто полувреме целосно му припадна на домашниот тим.

ГОГ Гудме тргна фуриозно по паузата и за само неколку минути направи сериозна разлика. Алборг целосно застана во нападот, а домашните ракометари го казнуваа секој пропуст и постојано ја зголемуваа предноста.

Во вториот дел ГОГ Гудме постигна дури 23 гола, наспроти само 13 на Алборг. Гостите имаа и период од дури седум минути без постигнат погодок, со што практично ги загубија сите шанси за враќање во натпреварот.

Најефикасен кај победникот беше Мануел Цендер со десет гола од 11 обиди, додека Андреас Магард постигна шест. Одлична партија одигра и Оли Митун, кој постигна четири гола и беше еден од клучните играчи во нападот на победничкиот тим.

Кај Алборг, Јури Кнор и Тобијас Нилсен постигнаа по шест гола, додека Мадс Хоксер додаде пет.

По оваа победа, ГОГ Гудме се зацврсти на врвот на табелата со 15 бодови, додека Алборг остана на четири бода помалку. За актуелниот шампион ова е уште еден удар во борбата за првото место, откако на стартот на сезоната веќе загуби од Фредериција и одигра нерешено со Бјерингбро.

На трибините во „Арена Свендборг“ имаше 3.065 гледачи, кои беа сведоци на една од најубедливите победи на ГОГ Гудме во последните сезони.

За Алборг, пак, останува горчливиот факт дека ова е најголемиот пораз на тимот од дански противник уште од декември 2013 година, кога загуби со 35:20 од Скјерн.