ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Ѓорче Петров без важен адут против Мост, гостинките со 14 ракометарки

Денеска во центарот на вниманието ќе биде настапот на македонскиот шампион Ѓорче Петров во Лигата на Европа.

Избраничките на Славиша Димитријески ќе се соочат со чешкиот тим Бањик Мост, кој минатата сезона го освои третото место во домашното првенство.

Домашниот тим ќе биде без Ана Марија Коларовска, која се повреди на „Трофеј Македонија“, додека Мост е без искусната голманка Марија Гладун и со 14 ракометарки во составот.

Чешкиот тим ги нема на располагање ниту левите бекови Катарина Костелна и Асту Н’Диаје, две интернационалки од Словачка и Сенегал, но затоа ќе играат Србинката на десно крило – Ања Вујновиќ, Црногорката на среден бек – Наташа Ќоровиќ и француската голманка Роксан Франк.

Ривалот на македонскиот првак последните три сезони се обидува да се пласира во групната фаза на Лигата на Европа, но секогаш беше елиминиран во квалификациите.

Мечот меѓу Ѓорче Петров и Бањик Мост се игра вечерва во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ од 19:00 часот.