Еурофарм Пелистер би можел дополнително да го менува и засилува играчкиот кадар во продолжението од сезоната. Тренерот Лино Червар не ја исклучи таа можност, нагласувајќи дека пред екипата има уште многу натпревари и дека конечните одлуки ќе зависат од развојот на ситуацијата.
На дуелот со Бутел се појави и Саду Н’танзи кој извесен период е со тимот, но дури сега ги доби потребните документи и дебитираше за битолчани.
По поразот од Ла Риоха и победата над Бутел, Червар потенцира дека ракометарите се свесни оти мораат да работат повеќе. Според него, проблемите не се поврзани само со тактичката подготовка, туку и со индивидуалниот квалитет, искуството и приспособувањето на новите играчи.
„Ракометарите се свесни за ситуацијата и многу разговаравме на таа тема. Знаат дека мора да работиме уште повеќе. Треба да поправиме многу технички работи, но не е сè само во тактиката. Потребни се индивидуален квалитет, искуство и тренинг. Некои работи не можат да се добијат веднаш. Имаме многу работа пред нас“, изјави Червар.
Во текот на летото во Битола пристигнаа неколку нови ракометари, а искусниот тренер смета дека не може да се очекува тие веднаш целосно да се вклопат во екипата.
„Имаме нови играчи, а за некои од нив ова практично беа првите натпревари. Не може веднаш да се донесува конечен суд. Потребно им е време за да се приспособат, а верувам дека со помошта на поискусните ракометари тој процес ќе биде полесен. Мора да продолжиме да тренираме и да бидеме трпеливи.“
Запрашан дали може да се очекуваат нови играчи доколку резултатите не бидат според очекувањата, Червар остави отворена врата за промени во составот.
„Преодниот рок сè уште е отворен и сè е можно. Пред нас има уште многу натпревари и ќе видиме како ќе се развива ситуацијата. Не можеме однапред да кажеме што ќе се случи. Ништо не се решава по само неколку натпревари.“
Червар потврди и дека Еурофарм Пелистер ќе биде последната станица во неговата богата тренерска кариера, но најави дека ќе продолжи да работи со истиот интензитет.
„Ова дефинитивно е мојата последна тренерска станица. Без оглед на сè, јас сум голем работник и ќе продолжам да работам. Ги почитувам конкурентите кои играат добро, остваруваат резултати и имаат добри тренери. Сепак, јас сум натпреварувач и морам да се борам. Ги следам и другите клубови и гледам дека има екипи кои играат добро. И Вардар имаше тешкотии, а силната конкуренција е добра за македонскиот ракомет“, заврши Червар.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























