Парите се проблем и во Скандинавија

Данската и норвешката федерација иако планираа да има повеќе градови домаќини на претстојното Светско првенство во 2025 година, сепак ќе бидат само по еден.

Данците покрај Хернинг и „Јуске Банк Арена“ (12.500), го планираа и Копенхаген за домаќин, но на крајот поради финансиски причини се одлучија дека Хернинг ќе биде домаќин на сите натпревари. Во овој град ќе се играат две прелиминарни групи, како и една група од главната рунда, што значи дека Данска би можела да игра најмногу шест меча на домашен терен. Од четвртфиналето ќе мораат да играат во соседната Норвешка.

Хернинг и „Јуске Банк Арена“ се талични за данската репрезентација, бидејќи токму тука беше освоена светската титула во 2019 година, а сега одново можеби ќе имаат таква прилика.

Норвежаните ги планираа Осло, Ставангер, Драмен и Трондхајм во времето кога ја добија организацијата на СП заедно со Данска и Хрватска. Потоа во конкуренција останаа Осло и Трондхајм, а сега тамошната федерација откри дека само Осло и „Теленор Арена“ (15.000) ќе ги угостат селекциите.

Осло ќе биде домаќин на две групи од прелиминарната фаза, една група од главната рунда, два четвртфинални меча, еден полуфинален, како и мечот за трето место и финалето.

Норвежаните објавија дека Трондхајм нема да биде домаќин на СП бидејќи општината го одбила барањето за финанска помош за организацијата од oколу 900.000 евра не само за СП 2025, туку и за ЕП 2026. Федерацијата откри дека ова барање не било прифатено од градот, па Трондхајм нема да биде домаќин на најдобрите светски селекции.

Покрај Данска и Норвешка, односно Хернинг и Осло, во Хрватска натпреварите ќе се играат во четири града – Загреб, Пореч, Сплит и Вараждин. Иако беше најавена изградба на нова сала во Дубровник, специјално за СП, сепак се чини дека од тоа нема да има ништо.