Падна и Португалија – Македонија е во ТОП 10 во Европа!

Македонската кадетска репрезентација продолжува да испишува успешна приказна на Европското првенство во Белград. Избраниците на Горан Кузманоски славеа против Португалија со 26-25 и обезбедија место меѓу најдобрите десет селекции на континентот.

Херој на натпреварот беше Трајче Костов, кој во последните секунди го постигна победничкиот гол и донесе голема радост во македонскиот табор. Со оваа победа, Македонија во последниот меч на шампионатот ќе се бори за деветтото место, а противник ќе биде подобриот од дуелот меѓу Израел и Австрија.

Од натпревар во натпревар македонските кадети изгледаат сè подобро. Тимот на Горан Кузманоски врза четири победи во низа, од кои две беа остварени во драматични завршници, што претставува огромно искуство за младите ракометари кои покажуваат карактер и зрелост во клучните моменти.

Слично како и против Словенија, па и вчера против Фарски Острови, имаше една „црна дупка“ во македонската игра и наместо мирна завршница, мораше да се решава во драма.

Македонија водеше во првиот дел со 13-8, имаше напад за плус шест, но наместо погодок, ривалот казни за 13-9 на паузата. Во второто полувреме водевме и со 21-15, но Португалија постигна пет гола по ред и го внесе мечот во „игра по жица“.

Но и покрај притисокот, македонските ракометари не дозволија целосен пресврт. Одлично функционираше соработката со пикерите, важни голови постигнаа Дамчевски и Костов, а тимот покажа смиреност во најважните моменти.

Португалија имаше шанса да постигне победнички гол, но направи грешка, беше казнета од Трајче Костов, кој ја запечати победата што гарантира место во ТОП 10 на ЕП. Голманот Николовски запиша 13 одбрани, Дамчевски стрелаше седум пати, а пет гола даде Костов.