Овации за квартетот играчи што си оди од Битола, посебна порака за Кузмановски и Манасков

Со победа над „сино-белиот“ тим од Автокоманда во последното коло од Супер лигата, Еурофарм Пелистер го завери второто место на табелата и ќе игра во Лигата на Европа наредната сезона.

Во Битола веќе се најавуваат промени и нова ера, предводена од трофејниот стратег Лино Червар, кој ќе седне на жешката битолска клупа, а навивачите имаа и емотивни моменти по последниот меч оваа сезона.

Четворица ракометари се простија од битолската публика: Домен Тајник, Илија Абутовиќ, Усама Хосни и Богдан Радивојевиќ. „Чкембарите“ ги поздравија со овации, аплаузи и песна, заблагодарувајќи им се за придонесот во дресот на тимот што трипати по ред беше првак во изминатите три години.

Посебна порака добија и капитенот Филип Кузмановски и Дејан Манасков, чиј статус за следната сезона сè уште не е дефиниран. Од трибините одекнуваше: „Фитиљ и Деки, останете!“, јасен знак дека битолската публика сака двајцата македонски репрезентативци и понатаму да бидат дел од тимот.