Ракометарите на Охрид загубија на домашен терен во „сино-белиот“ двобој од тимот на Кирил Лазаров со 36-28. Иако во најголем дел од мечот беа во егал, сепак охриѓани попуштија во финишот кога најмалку требаше, па гостите од Автокоманда без поголеми проблеми запишаа бодови во суперлигашкиот плеј-оф.
Сега Охрид остана на три бода на четвртото место и својата шанса ќе ја во следните натпревари, додека тимот од Автокоманда е трет со шест бодови, па ќе им дише во врат на кандидатите за титулата, Еурофарм Пелистер и Вардар.
Во првиот дел се играше израмнет ракомет, а голманите Кизиќ и особено Ѓорѓески имаа свои моменти и запираа зицер ситуации на ривалите. Имаше 12 израмнувања на резултатот.
Гостите во еден период искористија две грешки на „гладијаторите“ и поведоа со 11-9, а беше и 12-10, но по тајм-аутот на Алушовски, Охрид пак се врати во егал, 14-14. Кизиќ му запре шут на Сафранко, а потоа Петковски казни на спротивната страна за 16-14 за гостите од Автокоманда да водат на паузата.
По десетина минути игра во мечот, тимот на Кирил Лазаров остана без Марко Стојковиќ, кој доби директен црвен картон, откако стартуваше остро над Рудолф Сафранко, па товарот на линијата го изнесоа Карасманакис и Маркоски.
Набрзина вториот дел беше отворен со два гола од гостите за 18-14, но домаќините не се откажаа од битка. Одличен беше Ѓорѓески на голот кој иницираше серија од четири гола и Охрид израмни на 18-18, па мечот почна од нула.
Во продолжение многу лесно се постигнуваа голови, одбраните не беа на највисоко ниво, па на местото на Ѓорѓески и Кизиќ, застанаа да бранат Ристевски и Галевски. Избраниците на Лазаров одново ја преземаа контролата и поведоа со два гола, 23-21, но искусниот Ојлески го враќаше Охрид на минимална негатива на два пати.
„Сино-белите“ од Автокоманда ја стегнаа одбраната во продолжение, на десетина минути до крајот се одлепија на плус пет 31-26 и немаа поголеми проблеми да ја одработат рутински завршницата. Најдобри стрелци на мечот беа Ѓорѓиев со шест кај гостите и Орјоникидзе со исто толку кај домаќините.
Во следното коло што е на програмата идната среда, Охрид ќе му гостува на Тиквеш во Кавадарци, додека тимот на Кирил Лазаров ќе биде домаќин на Бутел Скопје.