„Билјанини Извори“ добива нов лик – за првпат современ VIP дел и VIP соба

Спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид почна да добива поинаков изглед. Покрај освежувањето на повеќе простории во објектот, за првпат се уредува и посебен VIP дел на трибините со околу 50 седишта, како и посебна VIP соба.

Еден од најпрепознатливите ракометни објекти во Македонија, салата „Билјанини Извори“ во Охрид, влегува во процес на преуредување и разубавување, со цел да понуди подобри услови за натпреварите, официјалните лица, гостите, но и поубав целокупен изглед.

Најголемата новина е современиот VIP дел што за првпат се уредува на средишниот дел од една од трибините.

На тоа место се поставуваат околу педесетина комфорни тапацирани седишта, издвоени од останатиот дел од трибината. Околу VIP секторот е поставена и стаклена ограда, со што делот добива помодерен и поуреден изглед, но и јасно се издвојува од останатите седишта во салата.

Дополнително, во рамки на преуредувањето ќе има и посебна VIP соба, со што „Билјанини Извори“ за првпат ќе добие комплетен простор наменет за гости, претставници на клубови, федерации и други официјални лица.

Освежени се и ходниците во салата, кои сега добиваат поубав и посовремен изглед. На дел од ѕидовите се поставени големи фотографии со моменти од ракометните натпревари, играчите и навивачката атмосфера во Охрид, со што и внатрешноста на објектот добива повеќе ракометен карактер.

Во процесот на освежување се вклучени и соблекувалните, просториите за официјалните лица и други делови од салата кои се користат при организацијата на натпреварите.

Работите се одвиваат во период во кој Охрид сè повеќе се наметнува како важен ракометен центар. Градот редовно е домаќин на домашни и меѓународни натпревари, турнири и репрезентативни собири, па подобрувањето на условите во „Билјанини Извори“ е чекор што требаше да се направи.

Салата со години е препознатлива по атмосферата што ја создава охридската публика, а сега постепено треба да добие и посовремен изглед и подобри услови во внатрешноста.

За следниот период најавени се и други зафати за подобрување на условите во салата.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________