Томи Јагуриновски вчера имаше двојна причина за задоволство - роденден и нова победа на Охрид. Македонскиот репрезентативец смета дека тимот сезонава има уште поголем квалитет, но потенцира дека е рано за големи заклучоци. Неговата спортска роденденска желба, сепак, е јасна - шампионската титула во Македонија.
На својот роденден македонскиот репрезентативец Томислав Јагуриновски со соиграчите стигна до нова победа во период во кој Охрид има исклучително густ распоред со силни натпревари. Има две победи досега на турнирот.
На прашањето дали победата против Војводина, 29-19 можеби била и роденденски подарок од соиграчите, Јагуриновски низ насмевка одговори:
„Се надевам, искрено. Ќе видиме кога ќе се вратиме во соблекувалната“, изјави Јагуриновски.
Но веднаш потоа фокусот го врати на ракометот. Охрид во краток период игра голем број натпревари, а Јагуриновски смета дека екипата постепено почнува да го покажува вистинскиот потенцијал.
„Вчера беше многу тежок натпревар за сите нас, поради некои непознати причини, но сепак успеавме да победиме. Денес мислам дека покажавме повеќе од тоа што можеме, но исто така мислам дека можеме уште повеќе од тоа што го покажавме“, вели Јагуриновски.
Турнирите во Струга и Охрид, заедно со останатите обврски во подготвителниот период, носат сериозен физички напор. Јагуриновски не го крие заморот, но во него не бара оправдување.
„Се разбира дека е тешко. Во многу краток период имаме многу натпревари, а ниту еден од нив не е лесен. Сите противници се квалитетни. Има замор, но сепак ова е подготвителен период и нормално е да го има“, потенцира Јагуриновски.
Тој верува дека вистинскиот Охрид треба да се гледа подоцна, кога новиот состав ќе има повеќе време за заедничка работа.
„Полека ќе ја креваме екипата за да можеме да ги достигнеме нашите цели оваа година“, додава тој.
Охрид летово значително го промени составот и донесе неколку звучни засилувања. Едно од најголемите имиња е унгарскиот репрезентативец Доминик Мате, кој претходно настапуваше за ПСЖ, Елверум и Келце, а во Охрид дојде од Елверум.
Јагуриновски смета дека според првичниот впечаток новата екипа има уште поголем потенцијал.
„Сè уште е рано да се каже, но ако ги гледам првите натпревари и тренинзите досега, мислам дека екипата е поквалитетна од минатата сезона. Го имаме Доминик Мате, играч кој настапувал во големи екипи како Париз и Елверум“, вели Јагуриновски.
Тој го потенцира и квалитетот на голманската позиција.
„Мислам дека Дино Славиќ е квалитетна замена за Кристијан Пилиповиќ. Станува збор за одличен голман“, додава Јагуриновски.
Меѓу новите имиња е и јапонскиот репрезентативец Шуичи Јошида, кој во Охрид пристигна од францускиот Нант. Сепак, Јагуриновски не сака само по имињата во составот да прогласува дека новиот Охрид е подобар.
„Мислам дека сме поквалитетни, но сепак е многу рано сега да се каже. Времето ќе покаже“, вели тој.
Пред Охрид е уште еден голем тест – дуелот со Загреб. Јагуриновски и соиграчите веќе имаа можност да го следат хрватскиот шампион и добро знаат каков ривал ги очекува.
„Го гледавме Загреб и денес и вчера. Тоа е екипа за која нема потреба многу да се зборува. Одлична екипа со многу големи имиња, играчи кои имаат Лига на шампиони, медали со репрезентациите и огромно искуство“, вели Јагуриновски.
Но респектот кон противникот не значи и предавање.
„Ќе биде многу тежок натпревар, но ние сигурно нема да се откажеме. Ќе се обидеме да го победиме Загреб“, порача Јагуриновски.
Охрид има дополнителен мотив кога игра на турнирот што го организира пред своите навивачи. Јагуриновски сака неговиот тим повторно да биде дел од завршната битка за пехарот.
„Нормално дека сакам и оваа година да играме финале на турнирот што се одржува во нашиот град и го организира нашиот клуб. Би ни значело многу да бидеме во финалето“, истакна Јагуриновски.
А на крајот дојде и прашањето за роденденската желба. Првата Јагуриновски ја задржа за себе.
„Уште ја немам замислено, искрено. Имам некоја желба, но мислам дека нема да ја кажам“, рече низ насмевка.
Но кога станува збор за спортската желба, немаше никаква тајна.
„Спортска желба? Нормално – оваа година, ако е возможно, да го освоиме македонското првенство. Би ми претставувало огромна чест и задоволство со оваа екипа и со овие момци да успееме да го направиме тоа“, порача Јагуриновски.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























