Штрлек го почитува домаќинот: Охрид ќе биде добар показател за нас

Мануел Штрлек по долга интернационална кариера летово се врати таму каде што ја започна големата ракометна приказна. По 15 години повторно го носи дресот на Загреб, а искусното лево крило верува дека новата комбинација на младост и искуство може да му донесе добри резултати на хрватскиот шампион.

Поминаа 15 години откако Мануел Штрлек замина од Загреб во европскиот ракомет, а летово кругот повторно се затвори. Искусното хрватско крило се врати во матичниот клуб по богата интернационална кариера, а турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид е дел од подготовките за неговата прва сезона по враќањето дома.

Емоциите се присутни, но Штрлек пред сè е задоволен од она што се создава во Загреб.

„Среќен сум што направивме добра екипа, имаме добри подготовки и верувам дека можеме да направиме убави работи“, вели Штрлек.

Штрлек многу добро го памети Загреб од времето кога првпат настапуваше за клубот. Тоа беше период во кој хрватскиот шампион имаше состав преполн со големи имиња и репрезентативци.

„Тогаш Загреб беше практично цела репрезентација. Тоа беше едно златно време за ракометот, со многу големи играчи“, се присетува Штрлек.

Денешниот Загреб е поинаков. Во тимот има многу млади ракометари, но и доволно искусни имиња кои треба да помогнат новата генерација побрзо да созрее.

Токму таа комбинација му се допаѓа на Штрлек.

„Сега имаме многу млади играчи и мислам дека направивме добра комбинација. Имаме потенцијал, но сето тоа мора да го покажеме на теренот.“

И тука искусниот Хрват не сака големи ветувања однапред. Ростерот може да изгледа добро на хартија, но вистинската вредност ќе се гледа кога ќе започнат официјалните натпревари. Особено голем предизвик за Загреб повторно ќе биде европската сцена.

Штрлек има огромно искуство од најсилното клупско натпреварување и добро знае дека таму нема простор за потценување на ниту еден противник.

„Тоа е Лигата на шампионите и никогаш не е лесно. Има многу квалитетни екипи. Ние мораме да ги добиваме натпреварите во кои имаме шанса, а потоа да пробаме да изненадиме и некој од најсилните“, вели Штрлек.

Затоа во Загреб во овој период не сакаат да прескокнуваат чекори. Прво треба добро да се подготват, да се воигра изменетиот состав и постепено да се подига формата.

„Имаме уште многу време. Треба добро да се подготвиме и да напредуваме, а потоа ќе видиме како ќе се развиваат работите.“

Штрлек позитивно гледа и на натпреварувачкиот систем, кој според него остава повеќе можности клубовите да ја продолжат европската сезона.

„Мислам дека е добро за екипи како Загреб затоа што имаш повеќе можности. Ќе биде интересен формат, не само за Загреб, туку и за другите клубови.“

Турнирот „Крсте Андоновски“ е уште една можност Загреб да види до каде е со подготовките. Еден од посериозните тестови ќе биде токму дуелот со домаќинот.

Штрлек има почит кон Охрид и очекува тој натпревар да даде многу подобра слика за моменталната состојба на неговата екипа.

„Мислам дека Охрид е квалитетна екипа. Ќе видиме кога ќе играме против нив каква е ситуацијата и тоа ќе биде добар показател за нас“, вели Штрлек.

Желбата во таборот на Загреб е јасна – турнирот да се искористи за подготовка, но кога веќе се игра, секако дека постои и амбиција да се стигне до завршницата.

„Се надевам дека ќе одиграме добро и дека ќе се бориме за првото место.“

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________