Вардар ја запиша втората победа на турнирот „Крсте Андоновски“, но дуелот со Нексе беше многу потежок отколку што можеби покажува конечниот резултат. Леон Лјевар потенцира дека густиот ритам веќе се чувствува кај играчите, а пресудни за новиот триумф биле подобрата одбрана и намалениот број грешки во второто полувреме.
Вардар продолжи победнички во Охрид, но за вториот триумф на турнирот „Крсте Андоновски“ 33-27 против Нексе мораше добро да се испоти.
Нексе долго беше рамноправен ривал, а Леон Љевар по натпреварот потенцира дека зад „црвено-црните“ е исклучително тежок период со голем број натпревари за кратко време.
„Тежок натпревар. Честитки за Нексе за фер и коректниот меч. Ова ни е шести натпревар во осум дена и нормално е нозете веќе да бидат малку тешки. Знаевме дека Нексе е квалитетна екипа. Беше тешко, но на крајот некако успеавме да се избориме за победата“, изјави Љевар.
Вардар не одигра најдобро во првото полувреме, а Љевар не ги крие грешките што му овозможија на Нексе да остане во натпреварот.
„Мислам дека клучна беше одбраната. Во второто полувреме ја стегнавме одбраната. Во првиот дел правевме многу грешки – додававме топки директно во раце, во аут, имавме непотребно загубени топки. Во второто полувреме го сведовме тоа на минимум и мислам дека, заедно со голманот, тоа нè одведе до победата“, потенцира Љевар.
Токму подобрата дефанзива и поголемата концентрација во нападот му овозможија на Вардар да воспостави контрола во вториот дел и да стигне до посакуваниот резултат.
Следен противник на Вардар е Тримо Требње, а тој натпревар ќе има голема тежина во битката за првото место во групата и пласманот во финалето. За Љевар словенечкиот состав не е непознаница. Додека настапуваше во Словенија, многупати се среќавал со Тримо и добро знае каде е најсилното оружје на тимот.

На прашањето дали има некоја „тајна“ што може да му ја пренесе на Иван Чупиќ, Љевар низ насмевка одговори:
„Изгледа дека не можам без Словенија. Тримо е млада екипа, многу трчаат и транзицијата е еден од главните делови на нивната игра. Мораме добро да се подготвиме и брзо да се враќаме во одбрана“, вели левиот бек на Вардар.
Тој точно знае што Вардар ќе мора да спречи.
„Ако успееме да им ја спречиме таа полуконтра и брзата транзиција, мислам дека ќе бидеме многу поблиску до победата“, додава Љевар.
Љевар е едно од новите лица во Вардар, а подготвителните натпревари се можност постепено да се вклопи во системот на Иван Чупиќ. Зад себе веќе има шест настапи и позитивни се првите впечатоци.
„Колку одиграв досега – шест натпревари? Засега сè е супер. Формата оди малку горе-долу, што е нормално во овој период, но се надевам дека сите ќе го фатиме вистинскиот ритам до почетокот на главниот дел од сезоната“, вели Љевар.
Вардар има уште неколку проверки пред почетокот на официјалните предизвици, а секој следен натпревар треба дополнително да го крене нивото на тимот.
„Имаме уште неколку натпревари за добро да се подготвиме за она што следува“, заврши Лјевар.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























