ОХРИД 2026: Лесјак за Вардар – Имаа монструозна сезона во Европа, комплетна екипа…

Тримо стигна до важна победа против Олимпијакос на турнирот „Крсте Андоновски“, а Урбан Лесјак беше прогласен за играч на натпреварот. Искусниот словенечки голман потенцира дека неговата екипа ја добила битката со трпение и мирна игра, а сега пред Тримо е нов голем предизвик - дуелот со Вардар.

Урбан Лесјак беше еден од најзаслужните за победата на Тримо против Олимпијакос и заслужено го доби МВП признанието.

Словенечкиот тим немаше лесна задача. Зад себе имаше натпревар од претходниот ден и малку време за одмор, додека Олимпијакос влезе посвеж во средбата. Но, Словенците победија со 25-24 и имаат четири бода на табелата, исто колку и Вардар.

„Сигурно беше потешко. Натпреварот претходниот ден го игравме доцна и немавме многу време за одмор, додека Олимпијакос имаше слободен ден. Но, издржавме. Знаевме дека физички се посилни од нас и во одредени моменти успеавме да го наметнеме нашиот ритам“, вели Лесјак.

И покрај победата, искусниот голман гледа многу простор за подобрување. Особено во првиот дел Тримо направи голем број грешки во транзицијата и му овозможи на противникот да остане во игра.

„Правевме, да кажам, глупости во транзицијата, особено во првото полувреме. Мислам дека загубивме дури 13 топки. И голманот на Олимпијакос беше добар. Но, останавме мирни“, истакна Лесјак.

Токму последниот дел од неговиот одговор најдобро го опишува начинот на кој Тримо го доби натпреварот.

„На тоа најмногу се радувам. И кога тие беа два гола пред нас, ние останавме мирни и ги чекавме нашите моменти. Тоа беше најважно“, додава голманот на Тримо.

Тримо нема многу време за одмор, а следниот предизвик може да биде и најтешкиот досега. Дуелот со Вардар може директно да влијае на борбата за првото место и пласманот во финалето, а Лесјак добро знае каков противник ќе има од другата страна.

„Сами знаете каков е Вардар. Комплетна екипа, добро работат, имаат одлични поединци. Имаа монструозна мината сезона во Европа и ги освоија двата домашни трофеи. Знаеме што нè очекува“, вели Лесјак.

Нема многу време ниту за посебна подготовка.

„Сега имаме можеби половина час малку да одмориме, па ќе видиме што и како за дуелот со Вардар“, низ насмевка додаде словенечкиот голман.

За Лесјак настапот покрај езерото не е прво искуство во Македонија. Тој веќе има играно во македонскиот ракомет, а во Охрид има освоено и турнирски трофеј со Еурофарм Пелистер.

Сега се враќа како еден од најискусните ракометари во составот на Тримо. Само неколку дена го делат и од 36. роденден.

„Јас сум најстар во екипата. За четири дена полнам 36 години“, вели Лесјак.

Но улогата на најискусен во тимот за него не значи дека треба да има некаков посебен статус. Лесјак е еден од играчите од кои младите во Тримо можат многу да научат, а самиот е свесен дека неговото искуство има големо значење за групата.

„Верувам дека им сум важен од тој аспект на искуството. Се случува нешто да ме прашаат, нешто да им кажам. Убаво е што имаат интерес и сакаат да прашуваат“, објаснува Лесјак.

Но веднаш потенцира дека во соблекувалната нема поделби на млади и стари, ѕвезди и останати играчи.

„Она што најмногу ми се допаѓа е што сме здрава група луѓе кои меѓусебно се почитуваат. На крајот сите сме исти. И јас по тренинг ги собирам конусите ако треба. Нема некој да биде нешто повеќе од другите“, вели Лесјак.

Токму атмосферата во екипата ја гледа како една од силните страни на Тримо.

„Навистина добро ни оди и супер се сложуваме. Голема заслуга за тоа имаат сите соиграчи и раководството“, додава искусниот голман.

Тримо има јасни цели и за сезоната што следува. По две сезони во кои не успеа да стигне таму каде што посакуваше, клубот сака чекор напред на домашната сцена.

„Нашата прва желба е да стигнеме до финалето. Не успеавме во претходните две сезони и тоа сега ни е прва цел. Сакаме Ф4 во Купот и финале во првенството“, порача Лесјак.

Пред да почне битката за тие цели, Тримо има уште работа во Охрид. На спротивната страна ќе биде Вардар. Тој меч е закажан за 18,45 ч.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________