Глеб Калараш повторно е во Македонија, земјата во која го оствари најголемиот успех во кариерата и со Вардар стана европски шампион. Сега дојде како нов ракометар на Загреб, кој има две победи на „Крсте Андоновски“, а рускиот пикер признава дека од старите вардарци најмногу останал во контакт со Стојанче Стоилов
Глеб Калараш повторно е на меч во Македонија, и искусниот пикер, кој дел од својата кариера мина во Вардар, сега во Охрид пристигна како член на Загреб, еден од учесниците на турнирот „Крсте Андоновски“.
Загреб добро го започна турнирот и по првите настапи остана во игра за место во финалето, а Калараш признава дека во оваа фаза најважно е тимот да напредува од натпревар во натпревар. Еден од можните решавачки дуели е оној со домаќинот Охрид.
На прашањето колку го познава составот на домаќинот, Калараш беше краток и искрен.
„Искрено – ништо. Ќе ги гледаме, ќе видиме како играат и ќе се подготвиме“, вели Калараш.
Тоа не значи дека Загреб ќе влезе неподготвен во натпреварот. Напротив, следува анализа на противникот и подготовка за дуел кој може да има големо значење за конечниот пласман во групата. И двата тима имаат дена пауза пред нивниот дуел и ќе можат добро да направат анализа.
За Калараш враќањето во Македонија носи и поинакви емоции. Тој добро го познава македонскиот ракомет, а по заминувањето од „црвено-црните“ кариерата го однесе во Германија и Унгарија, пред летово да се пресели во Загреб.
Кога ќе се спомене Македонија, неизбежно е да се спомене и Вардар. Од поранешните соиграчи, Калараш откри со кого сè уште редовно е во контакт.
„Комуницирам со Столе, нашиот капитен. Тоа е тоа. Од Македонија најмногу со него се слушам“, откри Калараш. Секако и со Димитар Маневски кој е физиотерепевт во Веспрем, особено додека бев во Унгарија,
Начинот на кој го нарекува Стојанче Стоилов – „нашиот капитен“ – најдобро покажува дека врската со периодот поминат во Вардар сè уште постои. Калараш би сакал да се види со поранешниот соиграч и за време на престојот во Македонија.
„Не мислам дека Столе ќе дојде, затоа што сега е тренер, но би било добро“, додаде искусниот пикер.
Спомените од Вардар се дел од минатото, а сегашноста на Калараш е Загреб. Хрватскиот шампион создаде сериозен состав за новата сезона и повторно ќе има големи предизвици во Лигата на шампионите.

Калараш има огромно искуство во ова натпреварување и не сака однапред да поставува лесни цели.
„Никогаш не е лесно во која било група во Лигата на шампионите, затоа што тоа е Лигата на шампионите“, потенцира Калараш.
Според него, рецептот е едноставен – Загреб мора да оди натпревар по натпревар и да собира што повеќе победи.
„Очекуваме победи. Колку повеќе победи ќе имаме и колку подалеку ќе одиме, толку тоа ќе биде подобар резултат за нас.“
Искусниот ракометар верува дека Загреб има квалитет за добра сезона, но потенцира дека само имињата во составот нема да бидат доволни.
„Сега имаме добра екипа. Само мораме да веруваме во себе и да напредуваме“, вели Калараш.
Токму тоа е и една од главните цели на подготвителниот период. Загреб во Охрид има можност да одигра неколку силни натпревари, да ја крене формата и дополнително да го воигра составот пред официјалниот старт на сезоната.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























