Зад големите трансфери понекогаш се кријат приказни што никогаш не стигнуваат до јавноста. Една таква откри ракометниот менаџер Милан Јокиќ во разговорот за 24Ракомет, присетувајќи се на трансферот на Лука Циндриќ од Келце во Барселона.
Циндриќ во тој период беше еден од најдобрите ракометари во Европа, Барселона сакаше да го доведе, а и самиот играч имаше желба да замине во Каталонија.
Проблемот беше Келце. Полскиот клуб не сакал лесно да се откаже од својот ракометар, а преговорите никако не се движеле во посакуваната насока.
„Кога Лука беше во Келце се појави можност да оди во Барселона. Преговаравме со претседателот на Келце, но никако не можевме да дојдеме до договор. Беше јасно дека тие не сакаат да го продадат“, раскажува Јокиќ.
Во еден момент тој случајно се сретнал со Циндриќ и неговата сопруга Лара. Желбата за Барселона била голема.
„Таа ме праша: ‘Милане, можеме ли навистина да одиме во Барселона? Јас многу би сакала’. Ѝ кажав дека и јас би сакал, и Лука би сакал, но дека мора да направиме нешто дополнително.“
Тогаш Јокиќ смислил план кој денес звучи како сцена од филм.
„Ѝ реков: ‘Единствено ако можеш малку на сила да заплачеш, да отидеш кај претседателот и да му кажеш – ве молам, јас повеќе не можам да живеам тука, ако не го дозволите овој трансфер ќе ни го уништите семејството’.“
Одговорот на Лара бил брз.
„Ми рече: ‘Тоа е најмал проблем’.“
Следниот состанок бил организиран така што Циндриќ кај претседателот на Келце дошол со сопругата, без претходно да биде најавено дека и таа ќе присуствува.
„Кога таа се појави, претседателот веднаш се изненади. Таа му кажа дека повеќе не може да живее таму, дека сака да се пресели и дека ако Лука остане, веројатно нема да биде среќен и задоволен.“
Јокиќ не сака целата заслуга за реализацијата на трансферот да ја припише на оваа средба, но признава дека таа имала големо влијание.
„Не можам да кажам дека тоа беше единствената причина, но сигурно беше еден од преломните моменти.“
Трансферот на крајот се реализираше, а Циндриќ замина во Барселона.
За Јокиќ тоа останува еден од најдрагите трансфери во неговата кариера. Приказната за Циндриќ е и доказ дека при големите трансфери понекогаш не се пресудни само парите, договорите и спортските амбиции.
Целиот разговор со Милан Јокиќ можете да го прочитате на следниот линк:
Јокиќ отворeно за сè: Плати, трансфери, сопруги и кој ќе биде шампион на Македонија
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























