Oбина: Играв во многу градови, ама неверојатни навивачи како во Кавадарци не сум видел досега!

Тимот на Тиквеш од Кавадарци ја продолжи победничката серија во суперлигашкото друштво и славеше против Куманово со 37-21.

Најдобар стрелец во тимот на Никола Матлиески беше десниот бек Ани Обина со осум погодоци, а Нигериецот ја испофали атмосферата во „Јасмин“.

„Една работа само ќе кажам – во мојата кариера сум играл во многу држави и градови, но вакви неверојатни навивачи како „Лозари“ не сум видел никаде досега. Тие ни се голема мотивација, не само на дерби натпреварите, туку и на овие како против Куманово. Имаме добар тим, а со нив можеме да напредуваме уште повеќе и да одиме само напред“, вели Обина.

Десниот бек вели дека се оди чекор по чекор и се размислува само за секој следен ривал.

„Ние не мислиме многу однапред за распоредот и за средбите што не очекуваат до крајот. Мислиме само на секој следен натпревар. Не очекува дерби на гостински терен против Охрид. Ова ќе биде тежок натпревар, веќе од понеделник почнуваме подготовка за нив. Верувам во нас, во тимот“, заврши Обина.

Следен предизвик за Тиквеш ќе биде тешкото гостување во Охрид, а потоа на домашен терен ќе ги чека и дуел со вицепрвакот од Автокоманда.