Охрид не само што го освои трофејот во ЕХФ Европскиот Куп, туку до него стигна на импресивен и доминантен начин. Македонскиот тим зад себе остави сезона за паметење, во која на 12 натпревари забележа дури 11 победи и само еден минимален пораз, потврдувајќи дека европската круна е повеќе од заслужена.
На патот до историскиот успех, охриѓани редеа убедливи победи против сите ривали. Азербејџански Баку беше елиминиран со вкупни +50 голови разлика, Слога Добој со +42, Дукла Прага со +15, Олимпијакос со +6, додека најголемиот предизвик беше словенечки Целје, кој беше совладан по драматичен двомеч со вкупни +1.
Во големото финале Охрид уште еднаш ја покажа својата класа. По победата од 29-28 во Унгарија, македонскиот претставник славеше и во реваншот против Татабања со 31-25, за вкупни +7 и заслужено освојување на првиот европски трофеј во клупската историја.
Со 11 победи на 12 натпревари, одлична игра и доминација во текот на целата сезона, Охрид испрати јасна порака дека европскиот врв не беше случајност, туку резултат на квалитет, карактер и континуитет. Историјата е испишана – европскиот пехар пристигна на брегот на Охридското Езеро.
























