Поранешниот шампион на Словенија, Целје, иако нема да учествува во Лигата на шампионите, сепак, раководството на клубот сериозно работи во создавањето квалитетен тим за настап во Лигата на Европа.
Словенечкиот клуб во изминатиот период работеше во пронаоѓањето на нов тренер, откако пред три месеци беше прекината соработката со Алем Тоскиќ, па така Целје во финишот од изминатата сезона како привремено решение на клупата го имаше Клемен Лузар.
Нов предводник на словенечкиот тим ќе биде актуелниот селектор на Португалија, Пауло Переира. Искусниот стратег, кој со Португалија има остварено забележителни резултати на големите натпреварувања, со раководството на Целје потпиша двегодишен договор.
Целје во новата сезона ќе влезе со изменет состав, клубот го напуштија шест играчи, а засега како ново засилување е промовиран средниот бек Алекс Богнар од ФТЦ. Најтрофејниот клуб од Словенија во следниот период би требало да го потврди играчкиот ростер за следната сезона.