Недановски: Мора до крај да останеме фокусирани за да го задржиме првото место

Екипата на Вардар ја запиша осмата победа во суперлигашката конкуренција, откако на свој терен славеше над Бутел Скопје со 26:20 во заостанатиот натпревар од 9. коло.

Иако Вардар имаше фуриозен старт, сепак, во остатокот од натпреварот наиде на отпор и мораше максимално да одработи за да ги освои зацртаните бодови.

Тренерот на Вардар, Владо Недановски, истканува дека неговиот тим не е на посакуваното ниво, бидејќи неколку важни играчи поради повреда и репрезентативни обврски беа отсутни одреден временски период.

,,Натпреварот беше со многу грешки, со многу промашени зицери, и пред мечот бев загрижен, повредените играчи штотуку се вратија, не се доволно уиграни, се гледа дека физичката подготвеност заостанува, заостанува и тактичката подготвеност, бидејќи Петриќ не беше месец дена со нас, Николиќ влече ситна повреда, Јасухира беше отсутен околу еден месец и затоа играта е на такво ниво. Сите натпревари се тешки, секој си има своја тежина, треба да сме фокусирани до крај за да го сочуваме првото место”, изјави Недановски.

Вардар за следен ривал во Супер лигата го има тимот на Пролет, кој во претходното коло славеше во Прилеп против истоимената екипа.

Бутел пружи отпор, но Вардар слави триумф