Недановски: Притисок секогаш има – но може да го победиме Еурофарм Пелистер

Претстојниот викенд ќе се игра најголемото дерби на македонскиот ракомет меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер.

Тренерот на „црвено-црните“, Владо Недановски, очекува голем број навивачи и поддршка против актуелниот првак.

„Дуелот со Еурофарм Пелистер секогаш е интересен и се надевам на голем број наши навивачи. Играме со добро познат противник, се сретнавме во Струга, тоа е едно, но суперлигашките средби се нешто сосема друго. Имаме неколку дена за да средиме уште неколку детали во играта и верувам дека максимално подготвени ќе го дочекаме натпреварот. На многу средби се покажало дека имаме најдобра одбрана, работиме напорно на отстранување на грешките и верувам дека против Еурофарм Пелистер ќе го видите вистинското лице на Вардар. Состојбата во клубот не е сјајна, имаме некои повредени ракометари. Се работи за ситни повреди и не се знае дали ќе играат в сабота. Притисок во ваков натпревар секогаш има. Загубивме две дерби пресметки, одговорноста би ја преземал јас при неупех в сабота. Сепак, во моментов сум фокусиран максимално позитивно со мислите бидејќи верувам дека можеме да победиме“, изјави Недановски.

Натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер се игра в сабота во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17:45 часот.