Неагу го одигра последниот меч дома во ЛШ, ЧСМ Букурешт со минимално славје против Есбјерг

Ракометарките на ЧСМ Букурешт славеа против данскиот Есбјерг со 30-29 во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите, кој беше последен за Кристина Неагу пред романската публика.

Таа ќе ја заврши кариерата на лето, па ова беше последна шанса за романските навивачи да ја гледаат на натпревар од елитната конкуренција. Иако имаше водство од четири гола во финишот, домашниот тим на крајот патува само со гол предност во Данска.

Данскиот тим водеше константно во текот на целиот прв дел со еден до три гола предност, а слично го започна и вториот дел. По 18-15 за Есбјерг, се разиграа Неагу и Пинтеа, а ЧСМ Букурешт за првпат поведе преку Гријселс, 21-20 кога остануваа да се играат уште петнаесетина минути.

Гостинките имаа голем пад во играта и беа во негатива од четири гола, 25-21, а ЧСМ ја одржуваше разликата до 30-26, но Реистад и компанија се погрижија да намалат на минус еден, 30-29. ЧСМ Букурешт имаше напад за плус два, но не беше искористен.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Пинтеа со десет и Неагу со седум гола, додека во гостинскиот состав покрај голманката Кристенсен која имаше 15 одбрани, се истакнаа Реистад со 12 и Молер со пет гола.