Монпелје го тресна Нант и го освои 15 трофеј во Купот на Франција!

Екипата на Монпелје уште еднаш покажа зошто е симбол на францускиот ракомет, откако во спектакуларна атмосфера во „Берси“ славеше над Нант со 27-24 и го освои трофејот во Купот на Франција, вкупно 15-ти во клупската историја.

Монпелје одигра речиси совршен натпревар и од самиот старт ја контролираше играта. Во пеколна атмосфера создадена од навивачите на двата тима, ракометарите на Монпелје први стигнаа до посериозна предност, предводени од расположениот голман Реми Дебоне, кој уште во првото полувреме имаше неколку клучни интервенции.

Нант, кој играше без повредениот Тибо Брие, тешко наоѓаше решенија против цврстата одбрана на Монпелје. До паузата фаворитот веќе имаше контрола врз резултатот и водство од 16-12.

Во вториот дел Монпелје продолжи во ист ритам и во неколку наврати имаше и плус пет. Нант се обиде да се врати во мечот, особено во финишот кога намали на 25-23, но тимот на Ерик Мате остана смирен во клучните моменти.

Со новиот трофеј Монпелје останува убедливо најтрофејниот клуб во земјата.