Младинците ја преслушаа и Словачка

Машката младинска репрезентација на Македонија убедливо триумфираше над Словачка со 33:23 во вториот натпревар на силниот турнир „Трофеј Карпати“ во Романија.

Македонија на стартот од турнирот ја совлада Саудиска Арабија и со денешната победа над Словачка покажа дека се наоѓа во одлична форма пред ЕП.

По израмнетиот старт и нерешените 3:3, следуваше фуриозен налет на „црвено-жолтите“ кои со серија од 5:0 кон средината на првиот дел дојдоа до предност од 8:3. Словачка четвртиот гол го постигна дури во 15 минута, пред тоа осум минути никако не можеше да дојде до реализација.

Составот на Стојановиќ до крајот од полувремето целосно доминираше на теренот. Младинците на Словачка немаа решение за одличната игра на Македонија, се обидуваа да се вратат во игра, но „црната дупка“ во периодот од 7 до 15 минута беше причина да бркаат голема негатива.

Македонија откако замина на полувреме со предност од 18:11, одигра на одлично ниво и во вторите 30 минути. Словачка на моменти намалуваше, но македонските младинци во последниот период постојано водеа со осум до 11 гола разлика.

Најефикасен кај Македонија беше Димитар Узунчев со десет погодоци, седум постигна кружниот напаѓач Самоил Ристевски, пет реализации имаше Давид Димевски.

Голманот Иван Галевски имаше 10 одбрани, додека Давид Брестовац натпреварот го заврши со пет одбранети удари.

Избраниците на Раде Стојановиќ во текот на утрешниот ден ќе го одиграат дуелот со домашната репрезентацијата.

Овие контролни средби на македонската репрезентација се дел од подготовките за настапот на Европското првенство 2024.