Костадин Петров останува во македонскиот ракомет и летово го облече дресот на Струга. Искусниот ракометар верува дека новоформираниот состав има потенцијал да се бори за плеј-оф, а првиот настап на турнирот покажа дека екипата може рамноправно да се носи и со посилни противници. Стружани покажаа сила и мотив во првото полувреме против Охрид, иако „гостите“ водеа тогаш со 16-13. На крај предноста стигна двоцифрена, 37-24.
Струга за многу краток период состави речиси нов тим, а едно од поискусните имиња што летово пристигнаа покрај езерото е Костадин Петров.
Петров не крие дека до последен момент размислувал и за други опции за продолжување на кариерата, но на крајот ја прифатил понудата на Струга. По првите денови во клубот смета дека направил добар избор.
„Пред сè, чест и задоволство ми е што го носам дресот на Струга. Чекав до последно да се појави некоја друга опција, но на крајот се отвори можноста да дојдам тука. Можеби испадна и подобро од тоа што очекував“, вели Петров.
Искусниот ракометар сака со своето знаење да му помогне на новиот тим, но и на помладите играчи кои ќе добијат можност сезонава.
„Сакам да си помогнам себеси, но и да им помогнам на младите играчи и на клубот. Целите ни се заеднички. Очекувам добра сезона, имаме многу нови играчи, но мислам дека составивме добра и солидна екипа која има шанса да се бори за плеј-оф. Ако не веруваш во успех, тешко дека ќе го оствариш“
Иако Струга практично од почеток го гради составот, Петров не сака однапред да поставува ограничувања за тоа што може да направи екипата.
„Ако еден спортист не верува во добар резултат и успех, тешко дека ќе го оствари. Наша работа е да веруваме, да тренираме и на секој тренинг и секој натпревар да го даваме максимумот.“
Првиот натпревар на турнирот беше добра проверка за домаќинот. Струга се соочи со Охрид, актуелниот бранител на трофејот и освојувач на ЕХФ Европскиот куп, а Петров смета дека неговата екипа покажа добри периоди и покрај тоа што е формирана неодамна.
„Покажавме дека можеме да играме и против поквалитетни екипи од нас. Но, мора да се знае дека сме само седум дена заедно. Тоа е премалку време за нова екипа.“
Потребни се многу тренинзи и многу работа
Струга летово донесе голем број нови ракометари, па најголемиот предизвик за стручниот штаб ќе биде за кратко време да создаде тим кој ќе функционира како целина.
Петров со дел од соиграчите веќе има играно и добро се познава, меѓу нив и Марио Танкоски, но потенцира дека за вистинско воигрување не постои краток пат.
„Со Марио сум играл заедно, тој е искусен играч, а и со останатите имаме добра комуникација. Но, потребни се добри тренинзи и многу повторувања за она што го разговараме да почне автоматски да функционира и на теренот.“
Струга има уште речиси еден месец до почетокот на првенствените обврски и токму тој период ќе биде искористен за воигрување.
„Многу е рано. Само седум дена сме заедно, а имаме уште речиси еден месец за работа. Секој тренинг и секој натпревар ќе ни значат многу.“
Во Струга резултатот не е единствената цел
Против Охрид, домаќинот имаше периоди во кои можеше да се надева и на изненадување. Петров открива дека и во екипата верувале дека можат да му парираат на фаворитот, но турнирот во оваа фаза има и друга цел.
„Разговаравме дека можеме да направиме нешто повеќе. Но договорот беше сите играчи да добијат шанса. Тренерот не сакаше никого да форсира, добро ја распореди минутажата и им даде можност на сите за да види што може да очекува од секој играч.“
Токму затоа, за Струга овие натпревари се многу повеќе од борба за конечен пласман.
„Турнирот ни служи за воигрување. Ова не е тренинг, туку вистински натпревар и токму затоа е многу корисен за она што нè очекува понатаму.“
Плеј-офот е реална цел
Новоформираниот состав нема намера сезоната да ја мине само со борба за опстанок. Петров верува дека Струга има квалитет да се вмеша во битката за место меѓу најдобрите екипи.
„Мислам дека имаме шанса за плеј-оф. Имаме добра екипа, но мораме многу да работиме. Ништо нема да дојде само по себе.“
Првата вистинска цел е тимот да биде максимално подготвен за стартот на првенството и натпреварот против Тиквеш на почетокот на септември.
„Имаме време да се воиграме и да ги поправиме работите што не функционираат. Сето ова што го работиме сега е подготовка за она што нè очекува на 5-6 септември против Тиквеш. До тогаш сакаме да бидеме на многу повисоко ниво“, порача Петров.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























