Најуспешната машка репрезентација во 2024 година, младинската ракометна, во 2025 година ќе има голем предизвик и ќе настапи на Мундијалот во Полска.
По комплетирањето на сите континентални шампионати, познати се сите можни ривали на Македонија, која според сите пресметки би требало да биде во вториот шешир пред ждрепката.
Покрај Македонија и Полска, која се квалификуваше директно како домаќин, од Европа на СП 2025 ќе играат и Австрија, Хрватска, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Исланд, Норвешка, Португалија, Романија, Србија, Словенија, Шпанија и Шведска.
Од Азија место на Мундијалот обезбедија четири селекции – Бахреин, Јапонија, Саудиска Арабија и Јужна Кореја, додека од Африка на СП 2025 ќе играат репрезентациите на Тунис, Алжир, Египет, Гвинеја, Мароко и Руанда.
Од Средна и Јужна Америка, мундијалски билети обезбедија Аргентина, Бразил и Уругвај, додека од Северна Америка и Кариби, на СП 2025 одат селекциите на САД и Мексико.
Тоа се вкупно 31 селекција, додека последното место ќе биде за победникот на ИХФ Интерконтиненталниот Трофеј на кој ќе играат најдобрите селекции од шест континенти, кои досега не обезбедиле мундијалски билет.
СП 2025 ќе се одржи од 18 до 30 јуни во Полска.