Металург РА со одличен втор дел до победа над Драчево

Екипата на Металург РА на свој терен триумфираше над еден од ривалите за второто место во прволигашкиот плеј-оф, тимот на Драчево, со седум гола разлика, 32:25.

Сега Металург РА за момент го презеде второто место на табелата, на свое конто има 16 бодови. Зад Металург РА се наоѓаат Младост со 15 и Радовиш со 14 бодови, но двете екипи имаат натпревар помалку.

Металург РА победата против Драчево ја обезбеди со подобрата игра во вториот дел, на пауза водеше со 14:11, а гостите останаа без муниција во вторите 30 минути, во кои домаќините во ниту еден момент не ја доведоа победата во прашање.

Најефикасен во победничката екипа беше Димитар Ристовски со седум погодоци, пет постигна Филип Фидановски.

Кај Драчево прв стрелец беше Ѓорѓи Дука, кој во мрежата на домаќините успеа да реализира десет пати, а Филип Дабевски запиша седум погодоци.

Во следното, 8. коло, ракометарите на Металург РА ќе му гостуваат на Радовиш, додека Драчево ќе го пречека Младост.