Пролетниот дел од сезоната во машката Супер лига ќе почне без една екипа, која според информациите на 24Ракомет нема повеќе да се натпреварува. Иако се уште нема официјална потврда на веста, повеќе од сигурно е дека новиот суперлигаш Аеродром, нема да ги продолжи натпреварите во разигрувањето за опстанок. Наскоро се очекува и официјална потврда.
Плеј-аутот во машката Супер лига треба да продолжи со седум екипи, и во секое коло еден тим ќе биде слободен. Аеродромци требаше да тргнат во плеј-аутот од третата позиција во конкуренција на осум екипи, и да тргнат со два бода, исто како и Прилеп. Но од скопскиот тим веќе ги ослободија играчите, а повеќемина уште на крајот на декември и почетокот на годинава заминаа во други клубови.
Според календарот, на 10 или 11 февруари Аеродром треба да биде домаќи на Еурофарм Пелистер 2, но тој меч се уште не е закажан, и веројатно наскоро ќе биде и откажан. Иако тргна добро оваа сезона, имаше неколку победи во серија, екипата на Аеродром беше кандидат и за плеј-офот до последните две кола од регуларниот дел. Требаше да биде „ракометна гордост“ на општината Аеродром, но откако не доби никаква поддршка од општината, управата на клубот не издржа да ја заврши сезоната.
Поголем дел од ракометарите кои во есенскиот дел од сезоната го носеа дресот на Аеродром веќе имаат други клубови. Марко Богдановски се пресели во Вардар, Иван Митревски го засили Радовиш, а Наум Костов потпиша за Куманово, Виктор Трифуноски се пресели во Бисинов, Кристијан Ангелковски во Драчево, а заминаа уште неколку ракометари.
Клубот ќе продолжи да функционира, но само со младите категории каде и досега имаа одлични резултати. Аеродром е актуелен првак во пионерска конкуренција, и покрај со пионерите ќе продолжи да се натпреварува и со кадетскиот тим. Некои од сегашните сениорски репрезентативци како Марко Митев и Едвин Омерагиќ потекнуваат токму од школата на Аеродром која важи за расадник на млади таленти.