Мала утеха: Хансен стана најдобар стрелец во историјата на ЕП!

Во големото финале на Европското првенство во Германија играа два великани на ракометот – Франција и Данска, но и двајца легендарни ракометари – Никола Карабатиќ и Микел Хансен.

На титулата се радуваше Карабатиќ, по триумфот на Франција над Данска со 33-31 по продолженијата.

Ова беше последно ЕП за Карабатиќ, а Хансен можеби ќе ја продолжи репрезентативната кариера до домашното ЕП во 2026 година.

Дотогаш сигурно ќе го има рекордот на најдобар стрелец во историјата на Европските првенства, откако во „Ланксес Арена“ во Келн го мина на вечната листа Карабатиќ.

Тоа ќе биде мала утеха за Хансен, кој со деветте гола во финалето за еден гол го мина на вечната листа Карабатиќ. Данецот сега има 296, додека Французинот ќе остане на 295 голови.

Покрај ова, во уште еден параметар Хансен го мина Карабатиќ – во головите на финалните натпревари на ЕП. Данецот има 27 досега, додека Французинот ќе остане на 22 гола.