Женската младинска репрезентација на Македонија во претпоследниот натпревар на Светското младинско првенство во Скопје загуби од Кореја со 34:19.
Избраничките на Дарко Јанев по денешниот пораз ќе се борат за освојување на 15. позиција на младинскиот Мундијал, а ривал на „црвено-жолтите“ ќе биде Кина, која денес загуби од Египет со 25:20.
По израмнетата игра во воведните десет минути, односно по нерешените 4:4, ривалот на Македонија врза два гола во низа, се одлепи на 6:4 и до крајот на првото полувреме имаше активен резултат. Кореја во 15 минута дојде до 10:5 и веќе тука беше јасно дека младинките на Македонија ќе имаат тешка задача за камбек.
Играта на нашата репрезентација во последните десет минути целосно се распадна, па така азиската земја лесно доаѓаше до реализација, ги казнуваше грешките на Македонија, чекор по чекор градеше солидна позитива и на пауза замина со предност од 17:10.
Кореја продолжи со одличната игра во вторите 30 минути, во кои дојде до уште поголема позитива, па така вториот дел повеќе беше формалност. Составот на Јанев се обидуваше колку-толку да парира, но грешките си го направија своето.
Најефикасна во репрезентацијата на Македонија беше Борјана Коцева со шест погодоци, а ја следеше Емилијана Ризоска со три реализации.