Машката кадетска репрезентација на Македонија со пораз го стартуваше настапот на меѓународниот турнир „Трофеј Карпати“, откако беше поразена од Египет со 35:21.
За избраниците на Наум Танески контролните дуели во Романија ќе бидат силна проверка за квалификациите за Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Црна Гора.
Македонските кадети против африканската селекција издржаа до 10 минута и во останатиот дел имаа висока негатива. По нерешените 4:4, ракометарите на Египет влегоа во ритам, направија серија од 5:0 и кон средината на првото полувреме се одлепија на 9:4.
Македонија речиси седум минути беше без реализација, а серијата на Египет беше прекината со голот на Матески, кој намали на 9:5 во 15 минута. Египет до крајот на полувремето успеа осетно да ја зголеми разликата, имаше неколку ракометари расположени за игра, во 20 минута имаше 15:7, додека во последните десет минути од првиот дел целосно ја надигра македонската репрезентација и на пауза замина со предност од 22:11.
Вториот дел не донесе многу промени, составот на Танески се обиде да ја преполови негативата и да се избори за помал пораз, но големиот број грешки си го направија своето, па така Египет во текот на вторите 30 минути ја одржуваше стекнатата предност од првиот дел.
Најефикасен во репрезентацијата на Македонија беше Јулијан Матески со пет погодоци, втор стрелец беше Филип Насевски со четири реалзиации.
Кадетите на Македонија во јануари ќе ги играат квалификациите за пласман на кадетскиот континентален собир 2024.
Македонија во квалификациите ќе игра со Косово, Словачка и Швајцарија, а најдобрите две селекции ќе обезбедат билет за ЕП.