Идниот селектор на Швајцарија, Енди Шмид, иако има 40 години, сѐ уште игра во одлична форма.
По завршувањето на групната фаза во Лигата на Европа, членот на Луцерн моментално ја предводи листата на стрелци, на шест одиграни натпревари постигна 60 погодоци.
На двата дуели против Хановер даде вкупно 22 погодоци, на последниот дуел со бундеслигашот имаше гол шоу, дури 14 пати се запиша во листата на стрелци.
Искусниот ракометар ќе остане на 60 погодоци, бидејќи неговиот тим не успеа да обезбеди пласман во главната фаза во второто по ранг европско клупско натпреварување.
Легендарниот Шмид во швајцарскиот шампионат на седум натпревари има постигнато 24 погодоци, но во репрезентацијата игра повеќе.
Одличната форма на Шмид треба да го загрижува и македонскиот селектор Кире Лазаров. Швајцарија е еден од ривалите на Македонија на Европското првенство во јануари.
Шмид на континенталниот собир ќе го има последниот настап како играч, а потоа од јуни ќе ја преземи селекторската функција во неговата татковина.