Амра Терзиќ останува во Спартак

Голманката Амра Терзиќ и наредната сезона ќе ги брани боите на тимот на Спартак, кој беше пријатно изненадување и освежување во Супер женската лига во пролетниот дел од сезоната.

По паузата за мајчинство, Терзиќ му се врати на ракометот и застана на голот на Спартак, а на повеќе средби покажа дека може да биде клучна на теренот.

Таа потекнува од Металург, ги бранеше боите и на Металург Автокоманда, додека овој клуб да престане да функционира.

Спартак реши да го ангажира некогашниот селектор на женската репрезентација, Симе Симовски на тренерската клупа, а ја продолжи соработката со Сара Цветановска, уште една важна алка од составот.

Од Вардар дојде средниот бек Нина Неделковска, а допрва клубот треба да ги потврди новите засилувања.

Спартак минатата сезона од последното место на табелата успеа да се искачи на петтата позиција и до последното коло беше во игра за Европа, а стигна и до финалето на Купот на Македонија.