Niclas EKBERG (10) during the Final handball match Sweden vs Spain, Men’s EHF EURO 2022 Hungary, Slovakia, Budapest ,Hungary, 30.01.2021, Mandatory Credit © Uros Hocevar / kolektiff

Легендарниот Екберг и кажа збогум на репрезентацијата!

Еден од најискусните репрезентативци на Шведска, Никлас Екберг, реши да се повлече од репрезентацијата и во иднина ќе биде посветен само на клупските настапи.

Десното крило, кое има постигнато најмногу погодоци во дресот на Кил, вкупно 1.653, речиси 15 години го носеше дресот на „викинзите“.

Со репрезентацијата на Шведска најголемиот успех го постигна на Европското првенство 2022, кое се одржуваше во Унгарија и Словачка.

Швеѓаните на континенталниот собир беа најпријатно изненадување и во неизвесното финале успеаја да ја совладаат Шпанија.

Токму Екберг беше херојот на Шведска, бидејќи со гол во последната секунда донесе голема радост за неговата татковина.

Искусниот ракометар на репрезентативно ниво има освоено и два сребрени медали, на Олимписките игри во Лондон (2012) и на Европското првенство во Хрватска (2018).

За Шведска има одиграно 210 меѓународни натпревари и зад своето има запишано 841 гол, со што е меѓу најдобрите седум стрелци во историјата на шведската репрезентација.