Солзи, притисок и нервен слом: Гидсел откри низ каков пекол поминувал!

Еден од најдобрите ракометари на денешницата, Матијас Гидсел, шокираше со искрена исповед за најтешкиот период во својот живот.

Ѕвездата на Фуксе Берлин и данската репрезентација призна дека по освојувањето на Светското првенство во 2021 година доживеал сериозен психолошки колапс.

Во интервју за данските медиуми, Гидсел откри дека огромната популарност и постојаниот притисок целосно го исцрпиле.

„Половина Данска гледаше телевизија, сите ја знаеја мојата приказна, сите нешто бараа од мене, а јас прифаќав сè. Тоа требаше да биде најубавиот период во мојот живот. Но во еден момент доживеав целосен слом. Легнував да спијам во седум навечер, седев сам во станот и плачев“, призна данскиот ас.

Гидсел додаде дека долго време одбивал стручна помош, убеден дека сам ќе се избори со проблемите.

„Многумина ми велеа да побарам помош, но јас мислев дека можам сам да решам сè. За среќа, на крајот побарав помош. Денес имам ментален тренер на кого можам да му се јавам во секое време“, изјави десниот бек.

Тој објасни и како денес се справува со психолошкиот притисок за време на натпреварите.

„Морам да уживам, да бидам агресивен и да покажувам енергија. Понекогаш и за време на натпревар проверувам како се чувствувам. Ако видам дека нешто не е во ред, се обидувам да го сменам тоа. Знам дека кога играм добар ракомет, мене и мојот тим е многу тешко да нè победат“, порача Гидсел.

По СП 2021 кариерата на данскиот ас тргна во нагорна линија и по големиот број титули со Данска, лани со Фуксе Берлин во Бундес лигата, сезонава одново ќе биде во игра и за титула во Лигата на шампионите.