Во Келн беа претставени амбасадорите на големиот ракометен спектакл што ќе се одржи наредната година. Легендите на германскиот ракомет – Ања Алтхаус, Доминик Клајн, Стефан Кречмар и Паскал Хенс, ќе бидат заштитни лица на шампионатот кој ќе се игра од 13 до 31 јануари 2027 година.
Амбасадорите беа претставени пред пријателскиот натпревар меѓу Германија и Данска во Келн, градот што ќе биде домаќин на завршницата на Мундијалот.
Изборот не е случаен. Клајн и Хенс беа дел од легендарната германска генерација која во 2007 година ја освои светската титула на домашен терен, а тој Мундијал засекогаш го промени статусот на ракометот во Германија.
Кречмар, кој има 218 настапи за националниот тим, важи за една од најхаризматичните личности во историјата на германскиот ракомет, додека Алтхаус со 243 настапи за репрезентацијата носи огромно искуство и од женскиот ракомет.
„Да бидам амбасадор на спортот во кој се вљубив како дете и по кариерата да можам да му возвратам на ракометот е нешто во кое навистина уживам“, изјави Клајн.
Паскал Хенс потенцираше дека домашното Светско првенство носи посебна емоција.
„Ние сме нација која живее за ракомет. Голем турнир секогаш е нешто посебно, но кога се игра во твојата земја, атмосферата и вниманието се неверојатни“, истакна Хенс.
Некогашната вардарка Алтхаус вели дека ракометот е многу повеќе од спорт за неа.
„За мене ракометот е многу повеќе од спорт. Ракометот е мојот свет, мојата страст, мојот живот. Ја сакам целата ракометна заедница и сакам да помогнам уште повеќе луѓе да се вљубат во овој уникатен спорт. Светско првенство на домашен терен значи чисти емоции. Различноста на навивачите, различните менталитети и заедничката страст кон ракометот создаваат атмосфера што може вистински да се доживее само во живо“, изјави Алтхаус.
Светското првенство во 2027 година ќе се игра во шест германски градови – Минхен, Штутгарт, Кил, Магдебург, Хановер и Келн, а ждрепката на која и Македонија ќе ги дознае своите ривали ќе се одржи на 10 јуни.

























