PH_MAKSIM_KUBARSKI

Белорусија го „притиска“ ИХФ за вајлд-карта за СП 2027!

Претседателот на Ракометната федерација на Белорусија, Владимир Коноплев, остварил телефонски разговор со првиот човек на ИХФ, Хасан Мустафа, со јасна цел – Белорусија да добие вајлд-карта за СП 2027.

Разговорот бил инициран по препорака на селекторот Јуриј Шевцов, а Коноплев во повеќе наврати инсистирал ИХФ да донесе позитивна одлука за белоруската репрезентација.

Од белоруската федерација потенцираат дека Меѓународниот олимписки комитет во 2022 година „незаконски“ препорачал суспензија на белоруските спортисти и селекции, но дека на 7 мај 2026 година сите ограничувања биле укинати. Токму затоа, според нив, вајлд-карта за СП 2027 би претставувал и своевидна компензација за долгогодишната дисквалификација.

Од друга страна, Мустафа најавил дека ИХФ наскоро ќе одржи состанок со МОК на кој ќе се разговара за можно враќање на Белорусија и Русија во официјалните меѓународни натпреварувања, па тешко е за верување дека светската куќа на ракометот ќе додели вајлд-карта на белоруската репрезентација.

ИХФ има на располагање две вајлд-карти за Мундијалот во Германија, а листата во „чекалната“ е долга – Австрија, Унгарија, Холандија, Црна Гора, Швајцарија, Босна и Херцеговина…

Во последните два наврати вајлд-карти добија Швајцарија и Холандија, па тешко е за верување дека ИХФ одново ќе ги „дарува“ нив, а нема да биде изненадување ако таа отиде и во рацете на некоја азиска репрезентација.

Македонија може да налета на „нагазни мини“ – Унгарија, Австрија, Швајцарија…по вајлд-карти!