Машката репрезентација на Македонија ја одработува првата фаза од подготовките за настапот на Европското првенство во Германија.
Селекторот Кире Лазаров е задоволен од тоа како минуваат тренинзите и најави дека се работи на сите сегменти од играта.
„Работиме четири дена со нашиот национален тим. Јас сум задоволен од тоа што го сработивме досега. Работевме на нашиот напад, и на нашата одбрана, на полуконтрата, на враќањето назад, како и на физичката кондиција, максимално го искористивме времето да сработиме и тоа, затоа што во националниот тим доаѓаат играчи од разни клубови. Треба да се доведат во што побрз период на едно исто ниво. Имам појасна слика, имаме доста време до почетокот на ЕП, не успеавме да најдеме противници за пријателски натпревар, но ќе одиграме два меча меѓусебе. На 29 декември ќе одиграме против Црна Гора, тоа е квалитетна репрезентација која ќе биде добар тест за она што го сработивме овде на овие подготовки. За новогодишните празници нашите момци ќе добијат два дена заслужен одмор. Потоа одново почнуваме со финишот на подготовките за настапот на ЕП“, изјави Лазаров.
Селекторот вели дека до стартот на ЕП сите играчи ќе бидат максимално подготвени.
„Делумно можам да бидам задоволен од нашата физичка кондиција. Знаеме дека големиот дел од играчите доаѓаат од домашниот шампионат, се чуствува мал недостаток на физичка кондиција кај играчите што немаа европски натпреварувања во текот на оваа полусезона. Сепак ние сме колективен спорт и имаме доволно време тоа да го одработиме за сите играчи да бидат максимално спремни за ЕП“, продолжи Лазаров.
Тој е задоволен од атмосферата во националниот тим.
„Можам да бидам задоволен од атмосферата во тимот. Тука имаме идеални услови за подготока и тренинзи. Имаме време и да се одмориме и за тим-билдинг, така што имаме одлични услови. И кога е така тогаш и атмосферата е на задоволително и високо ниво. Никола Митревски се приклучува вечерва, тој имаше обврски во својот клуб Порто и му дадов два дена слободно, да се одмори и да се освежи, па од утре се приклучува во тренажниот процес. Од утре сме комплетни и се подготвуваме за предизвикот ЕП“, заврши Лазаров.
Македонија е во група со Франција, Германија и Швајцарија, а првата средба ќе ја одигра на 10 јануари во Диселдорф против Франција.