„Лавиците“ од Ѓорче Петров ја завршија сезоната со максимални 13 победи

Ѓорче Петров се мачеше, ама на крај го „скрши отпорот“ на Вардар, и актуелниот првак со триумф 31-27 (19-19) ја заврши годината, за максимални 13 победи сезонава во Женската лига. Со овој триумф ѓорчепетровки остануваат лидер со 39 бода, пет повеќе од второпласираниот Чаир. Вардарки годината и полусезоната ја завршуваат на 5. место со 28 бода.

Кога ракометарките на Ѓорче Петров првпат поведоа со „плус 4“, за 26-22, тоа беше знак дека мечот веќе е решен, или беше на добра пат тоа да биде. Но, така не мислеше Вардар, па гостинките намалија на 27-26 најавувајќи можна драма во завршницата.

Неколку минути траеше неизвесноста во моментите кога Ѓорче Петров водеше со 28-26, и двете екипи имаа по неколку не реализирани напади. Но, кога Анастасија Николовска двапати преку контра успеа да ја валоризра добрата игра од одбраната и даде лесни голови, домаќинките се одлепија на 30-26 на шест минути до крај на средбата.

Ива Божиновска во 55 минута го даде голот со која водството дојде на 31-26, и веќе беше јасно кој ќе победи.

Но, почетокот на средбата беше сосема поинаков. Ѓорче Поведе со 3-1, а потоа Вардар ја имаше иницијативата, водството и темпото. Имаа гостинките и предност неколкупати од два гола, ама на крајот од првото полувреме резултатот беше 19-19. Многу трчање на двете страни, многу голови.

Ѓорче Петров – ЖРК Вардар

Кога на голот на домаќинките застана Матеа Чурлинова, тргна и одбраната подобро да се однесува. Им даде некоја сигурност, ама брзоплетоста во нападот не секогаш им одеше од рака. Доста загубени топки на двете страни.

Вардарки имаа шанса да направат изненадување, но немаа сили токму во клучните моменти.

Кај домаќинките со по седум гола мечот го завршија Ана Марија Коларовска и Анастасија Николовска, а пет гола постигна Ангела Јанкуловска.
Во тимот на Вардар, најпрецизна беше Ивона Трпевска со 8 гола, а по шест постигнаа Сара Стефаноска и Бојана Коцевска.