Големиот проект „ПРО Ракомет САД“, кој требаше да биде важен чекор во промоцијата на ракометот во Соединетите Американски Држави пред Олимписките игри во Лос Анџелес 2028, доживеа целосен колапс.
Престижниот подготвителен турнир, планиран за периодот од 1 до 9 август, е официјално откажан, а европските великани кои требаше да настапат останаа без важен дел од подготовките и без значителни финансиски средства.
На турнирот требаше да учествуваат машките екипи на Алборг, Фуксе Берлин, Нант и ПИК Сегед, како и женските Оденсе, Ѓер, Брест Бретањ и јапонскиот тим Ишикава.
Најгласен во критиките беше директорот на Алборг, Јан Ларсен, кој не штедеше зборови за организаторите.
„Ова е целосно фијаско. Бевме целосно доведени во заблуда. Имавме одредени сомнежи, но кога некој ве уверува дека сè е обезбедено, нормално е да му верувате“, изјави Ларсен за ТВ2 Спорт.
Според него, организаторот и извршен директор на настанот, Данецот Мадс Винтер, до последен момент ги уверувал клубовите дека инвеститорите се обезбедени, но само неколку дена подоцна испратил електронска порака дека турнирот е откажан.
Алборг тврди дека сè уште побарува шестцифрен износ, бидејќи Винтер не ги исполнил договорните финансиски обврски.
„Ништо од тоа што ни беше ветено не се покажа како вистина. Потрошивме многу време, ресурси и пари. На крајот испадна дека сето тоа било само празни ветувања“, додаде Ларсен.
Слично размислуваат и во Оденсе, каде што тренерот Јакоб Вестергорд призна дека откажувањето целосно им ги нарушило подготовките за новата сезона.
Дополнителен проблем е што повеќето европски клубови веќе ги имаат договорено своите летни подготовки, па Алборг, Оденсе и останатите учесници сега ќе мораат експресно да бараат нови противници.
Според данските медиуми, сите клубови во моментов разгледуваат можност за судски постапки против организаторите, бидејќи покрај спортската штета, претрпеле и значителни финансиски загуби.
Проектот требаше да биде почеток на големата американска експанзија на ракометот во пресрет на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028, но засега наместо промоција, заврши со сериозен скандал.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























