Божидар Илиески пред трансфер во Еурофарм Пелистер 2

Еурофарм Пелистер 2 работи на составување на тимот за новата сезона, а едно од имињата што е блиску до преселба во Битола е Божидар Илиески. Според информациите на 24Ракомет, бекот на Прилеп е пред трансфер во вториот тим на битолчани, каде повторно би соработувал со Бранислав Ангеловски.

Поранешниот македонски репрезентативец кој сега се профилира и како успешен тренер презема предизвик со кој ќе се обиде вториот битолски тим да го претвори во респектибилен ривал.

Илиески е ракометар кој добро ја познава работата на Ангеловски, бидејќи двајцата претходно беа дел од ракометната приказна во Автокоманда. Токму таа поврзаност може да биде важен фактор за трансферот, бидејќи младиот бек сака повторно да работи со тренерот со кој веќе имал заеднички период во кариерата.

Божидар Илиески минатото лето се врати во родниот град и потпиша за Прилеп. Тој пристигна како засилување на бековската позиција, откако претходно настапуваше во Скопје. Во Прилеп доби простор да биде дел од суперлигашки проект што сезонава имаше амбиции за стабилизација и чекор кон горниот дел од табелата.

Ангеловски добро ја познава битолската средина. Во 2023 година се врати во клубот како спортски директор на Еурофарм Пелистер, а потоа беше и тренер на првиот тим. Со битолчани ја освои шампионската титула во Македонија, негова прва како тренер во домашниот ракомет, а го водеше клубот и во Лигата на шампионите.

Со евентуалниот трансфер на Илиески, битолчани би добиле играч кој веќе има суперлигашко искуство, настапи во повеќе македонски клубови и познавање на системот на Ангеловски.

____________________________________________________________________________________________________
 Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________