Машката кадетска репрезентација на Македонија ја совлада Португалија со 26-25 и ќе игра за 9 место на Европското првенство во Србија.
Избраниците на Горан Кузманоски се во серија од четири победи и пред нивните налети паднаа Турција, Италија, Фарски Острови и Португалија.
Селекторот вели дека одбраната беше на високо ниво на овој двобој.
„Oва беше навистина тежок натпревар, ако се земе предвид дека ова ни беше седми натпревар на Европското првенство, а четврти во пет дена, немавме многу време за подготовка. За репрезентацијата на Португалија имавме помалку од 24 часа, но покажавме карактер. Тактички бевме одлично организирани, особено во првото полувреме. Во одбраната одигравме на многу високо ниво, а во нападот бевме трпеливи и дисциплинирани. Успеавме да ја запреме репрезентацијата на Португалија, која на ова Европско првенство во просек постигнуваше околу 30 голови по натпревар“, изјави Кузманоски.
За Македонија останува уште последниот натпревар в недела, по ден одмор против селекцијата на Израел.
„Особено ме радува тоа што и по седум одиграни натпревари физички сме во одлична состојба, а и психолошки сме многу стабилни. Нашата одбрана е заштитен знак на оваа репрезентација и повторно беше клучниот фактор за победата. Она што уште повеќе ме радува е што во оваа екипа нема егоисти. Имаме вистински колектив, момците се сплотени и сите функционираат како едно. Успеавме да победиме една голема репрезентација како Португалија, на која ѝ недостигаше многу малку за пласман во четвртфиналето. Верувам дека и нам ни недостига многу малку за да бидеме меѓу најдобрите осум селекции во Европа. Сега нè очекува натпревар во недела за пласман на 9 место. Нема простор за опуштање. Имаме еден ден за одмор, добро ќе се подготвиме и повторно ќе одиме на победа. Најважно е што, иако Португалија беше фаворит, ние покажавме поголема желба, поголем карактер и психолошки бевме постабилни. Токму тоа беше пресудно за оваа голема победа“, продолжи Кузманоски.
Селекторот се осврна и на почетоците и на првата репрезентативна акција со овие момци.
„Сакам да напоменам и дека пред точно една година, на Европските младински олимписки игри, оваа иста репрезентација на Португалија нè победи убедливо со седум голови разлика. Денес видовме колку оваа генерација напредуваше за само една година – не само ракометно, туку и ментално. Овие момци немаат респект кон никого кога ќе излезат на терен и токму тоа ме прави особено горд. На крај, би го издвоил и Трајче Костов, кој уште еднаш покажа огромен карактер. Иако настапуваше повреден, го даде својот максимум и уште еднаш потврди колку значи за оваа репрезентација“, заврши Кузманоски.
Македонија преку настапот на ова ЕП, обезбеди пласман на следното кадетско СП 2027, но и на младинското ЕП 2028, преку кое оваа генерација ќе бара круна на настапите и место на Мундијалот во 2029 година.























