КУП 2024: Платон – Самото учество на Ф4 е доволна мотивација за Вардар

Поранешниот европски гигант и лански финалист од Купот на Македонија, ЖРК Вардар, и оваа година успеа да обезбеди учество на Ф4 од Купот. Вардарки на ланскиот Ф4, кој беше одржан во Охрид, беа изненадување бидејќи во полуфиналето го елиминираа фаворитот Ѓорче Петров, а во финалето против Куманово немаа многу среќа и финишираа на второто место.

Во својата клупска историја Вардар има освоено шест Куп титули, последната ја освои во 2018 година кога тогашниот ѕвезден тим на „црвено-црните“ немаше голема конкуренција и многу лесно стигнуваше до победа.

Атмосферата во вардаровиот табор, кој од вториот дел од сезоната е предводен од некогашната репрезентативка на Македонија, Анжела Платон, е позитивна пред полуфиналниот дуел со Чаир.

,,Јас ја презедов екипата на полусезона, успеав да ја вратам позитивната атмосфера во тимот, која беше нарушена со заминувањето на клучен играч во текот на зимските подготовки, како и  негативните резултати од натпревари на домашен терен. Екипата е денес мотивирана и желна за надигрување и победа”, изјави Платон.

Вардарки со Чаир одиграа два дуели во тековната сезона, на првиот натпревар немаше победник (29:29), додека на вториот подобри беа чаирчанки (33:30).

,,Чаир ни е доволно позната екипа, ја респектираме нивната игра, игра која има свој карактер што може да се сведочи и од нивните резултати и во домашното првенство и во настапите на европска сцена. Не би навлегувала во подетални анализи. Ќе настапите комплетно, сите играчи се во добра зравствената состојба. Подобриот нека победи…” вели Платон.

Стратегот на „црвено-црните“ истакнува дека Ѓорче Петров е благ фаворит на годинешниот Ф4.

,,Согласно резултатите во домашното првенство, на две кола пред крај, победник на првенството на Македонија е Ѓорче Петров, па може да констатирам дека оваа екипа е во блага предност како фаворит, но сепак и останатите екипи кои се на Ф4 се прилично мотивирани да се борат за трофејот”, додаде Платон.

Главниот фокус на Вардар ќе биде да се елиминира Чаир и да се дојде до уште едно ново финале, второ во низа.

,,Моето мото и во приватниот и професионалниот живот и како поранешен играч и сега како тренер, е – „ Чекор по чекор“. Во тој контекст фокусот е сега на првиот натпревар, за влез во финале, а потоа ќе следи и вториот чекор”. Самото учество во Ф4 Куп на Македонија е доволна мотивација за екипата”, истакнува Платон.

Таа ги повика сите љубители на ракометот да ги поддржат екипите учеснички на Ф4.

“Женскиот ракомет е еден од првите екипни спортови во Македонија кои донеле високи признанија и радости на сите љубители на спортот, особено ракометот. Мора да констатирам дека  е запоставен интересот кон женскиот ракомет, доколку ја земеме во предвид посетеноста на натпреварите во однос на машкиот ракомет. Ги поканувам сите љубители на ракометот да бидат присутни на турнирот и да ги бодрат своите клубови, а на нашите верни навивачи ќе испратам спортски поздрав: „ Еден Живот, Една Љубов – ВАРДАР“, заврши Платон.

Натпреварот меѓу Вардар и Чаир ќе се одигра со почеток од 17:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

Тимот на Вардар доколку обезбеди финале, тогаш за Куп трофејот ќе се бори против Ѓорче Петров.