Крушата под круша паѓа – „малиот на Јуле“ блеска на ЕП

Машката кадетска репрезентација на Македонија ќе игра за 9 место на Европското првенство во Србија. Иако да беше позитивен резултатот на првата пресметка против Словенија, Македонија многу веројатно ќе беше во ТОП 8, но и со овој резултат, избраниците на Горан Кузманоски ги остварија целите и пласман на кадетското СП 2027, односно пласман на младинското ЕП 2028.

Еден од лидерите на тимот е левиот бек Горазд Дамчевски, кој како одминуваше првенството, така ја креваше својата форма и два пати беше избран за МВП на натпреварите кои ги добиваше Македонија.

Синот на некогашната македонска репрезентативка, Јулијана Дамчевска, која сега плови успешно во тренерските води, постигна 32 погодоци. Имаше осум реализации против Шведска, по седум гола им даде на Португалија и Турција, а четири пати стрелаше против Франција.

Дамчевска, која играше на левата крилна позиција и ги носеше дресовите на Кометал Ѓорче Петров, Олимпик, Скопје и Вардар, а го носеше и националниот дрес на Македонија, во тренерската кариера успешно работеше во Металург, потоа и во Металург Автокоманда. Беше селекторка на кадетската и младинската репрезентатација на Македонија. Таа беше меѓу првите дами од Македонија што добија Мастер Коуч лиценца.

„Малиот на Јуле“, а внукот на уште една поранешна репрезентативка Билјана Црвенкоска, тргна по стапките на своите најблиски и уште во најмладите категории покажува дека оправдани се големите очекувања од него.

Дресот на Пролет ова лето го замени со оној на тимот од Автокоманда, па ќе има шанса да игра и да се се „бруси“ во Супер Лигата.

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…