Крим го шокираше Ференцварош, сефте за Будуќност

Ракометарките на Крим на свој терен успеаја да го изненадат Ференцварош, кој во минатата сезона стигна до среброто во Лигата на шампионите, триумфираа со 32:26.

Предводен од руската репрезентативка Дарија Дмитриева, словенечкиот шампион сега има „три од три“ во европската елита.

Дмитриева со осум погодоци беше најефикасна во триумфот над Ференцварош. Голем придонес имаа и екс вардарките, левото крило Тамара Мавсар, како и десното крило Јованка Радичевиќ.

Мавсар имаше 100% реализација, седум од седум, додека Радичевиќ во мрежата на европскиот вицепрвак постигна четири погодоци. Солидна на голот беше и Маја Војновиќ со осум интервенции.

Кај Ференварош, некогашните членки на Вардар, Андреа Лекиќ и Драгана Цвијиќ, постигнаа по два погодоци.

Крим во претходните две кола славеше над Есбјерг, односно Заглебје. Со победата над Ференцварош, тимот предводен од Драган Аџиќ станува кандидат за едно од првите две места во групата Б.

На прва победа во Лигата на шампионите се израдува црногорскиот шампион Будуќност, кој на свој терен го совлада Савехоф со 31:30.

Во третото коло победа остварија и екипите на Ѓер, Есбјерг, Вајперс Кристијансад, Икаст Битигхајм и Оденсе.

Лига на шампиони, 3. коло, резултати

Група А

Будуќност – Савехоф 31:30 (17:16)
ЧСМ Букурешт  – Ѓер 23:27 (12:14)
Дебрецен – Битигхјам 26:36 (12:18)
Брест Бретањ – Оденсе 25:26 (11:13)

Група Б

Крим – ФТЦ 32:26 (15:10)
Есбјерг – Мец 29:27 (16:17)
Заглебје – Вајперс 20:34 (9:16)
Рапид – Икаст 27:35 (11:20)