Крим го шокираше европскиот првак

Словенечкиот шампион Крим го направи најголемото изненадување во 5. коло од Лигата на шампионите, откако на свој терен ремизираше против актуелниот европски шампион, Вајперс Кристијансад.

Иако избраничките на Драган Аџиќ беа на чекор да ги освојат бодовите против норвешкиот првак, во два наврати во вториот дел водеа и со шест гола разлика, сепак, Вајперс Кристијансад со одличната игра во последната четвртина од дуелот не дозволи да има целосна сензација и неизвесниот дуел заврши без победник, 24:24.

Предводнички во составот на Крим беа двете екс ракометарки на Вардар, Јованка Радичевиќ и Тамара Мавшар со по шест, односно четири погодоци. На голот на Крим блескаше некогашната репрезентативка на Бразил, Барбара Аренхарт, која имаше дури 15 интервенции.

Во составот на Вајперс Кристијансад се истакнаа Јана Кнедликова и Ана Вјахирева со по шест погодоци.

Крим на табелата во групата Б сега има седум бода и останува на третата позиција, додека Вајперс Кристијансад моментално се наоѓа на 5 место со пет бода.

Во останатите одиграни натпревари на победа се радуваа екипите на Есбјерг, Мец, Битигхајм, Дебрецен, Брест Бретањ и Ѓер.

Лига на шампиони, 5. коло, резултати:

ГРУПА А

Битигхајм – Савехоф 30-21
Дебрецен – Будуќност 27-22
Ѓер – Оденсе 32-29
ЧСМ Букурешт – Брест Бретањ 28-30

ГРУПА Б

Икаст – Заглебје 41-29
Крим – Вајперс 24-24
Мец – Рапид 32 – 22
Есбјерг – ФТЦ 27-23