Кизиќ се враќа во Скопје – ќе брани во Автокоманда!

Добар дел од играчите кои играат или добиваат повик за настап во репрезентацијата, брзо решаваат да направат трансфер. Дел потпишуваат, или имаат сериозни понуди од тимот што го предводи селекторот, актуелниот македонскиот ракометен вицепрвак. Тие полека го комплетираат ростерот за следната натпреварувачка сезона, и сакаат да имаат играчи кои ќе можат да ги исполнат клупските цели.

Според информациите на 24Ракомет, нов играч во редовите на „сино-белите“ ќе биде голманот од Еурофарм Пелистер, Марко Кизиќ. По три сезони минати во Битола, ќе се врати во Скопје, но црвено-црниот дрес сега ќе го смени во син, и ќе брани во Автокоманда. Соработката била договорена уште пред новогодишните празници, а би требало да биде официјализирана по завршување на сезоната. Во шампионот следната сезона ќе бранат Никола Митревски и Филип Ивиќ, откако покрај Кизиќ, заминуваат и Урбан Лесјак и Калифа Гедбан.

Извори блиски до двата клуба, и до играчот ни потврдија дека Кизиќ веќе го потпишал договорот за враќање во Скопје, и дека и покрај тоа што имал одлична финансиска понуда од Битола и шампионот сакал да го задржи на подолг период, тој решил да замине. Со доаѓањето во Скопје ќе биде и поблиску до семејството, но и до репрезентацијата, каде сега се заедно со Мартин Томовски и Никола Митревски.

Не е познато дали Кизиќ во составот на Кире Лазаров ќе остане краткорочно или долгорочно, но според досегашното искуство со други играчи, сигурно е дека и Кизиќ би останал повеќе години во синиот дрес. Овој 23-годишен голман во редовите на битолскиот тим пристигна во сезона 2021/22 од Вардар.

Вицепрвакот моментално на голманската позиција го има на располагање искусниот Благојче Трајкоски, како и младиот Иван Галевски. Кубанскиот голман Алехандро Ромеро си замина „тивко“ на полусезона, исто како што и дојде, оставајќи свој печат во салата во Автокоманда, иако брзо го снема од клупскиот банер зад голот.

Во новата сезона би требало уште еден македонски репрезентативец да пристигне во тимот на Лазаров, кој исто така има веќе договорен трансфер, на позиција што е дефицитарна во моментов за „сино-белите“ од Автокоманда.