Кил на удар поради делфини и китови!

Германскиот гигант Кил се најде во центарот на вниманието пред почетокот на новата сезона, но овојпат не поради случувањата на теренот. Клубот се соочува со критики од еколошка организација за заштита на делфини, која побара „зебрите“ да го откажат своето учество на подготвителниот турнир „Нордик Куп“ на Фарските Острови.

Турнирот ќе се одржи од 13 до 16 август, а покрај Кил ќе настапат и фарскиот шампион Х71, данскиот ГОГ Гудме и исландски Валур.

Причината за реакцијата на друштвото не е поврзана со спортот, туку со традиционалниот лов на делфини и китови на Фарските Острови, практика која со години предизвикува жестоки реакции од организациите за заштита на животните.

Од друштвото сметаат дека учеството на еден од најголемите европски ракометни клубови испраќа погрешна порака и индиректно придонесува за подобрување на имиџот на Фарските Острови.

„Кил треба да биде свесен за својата општествена одговорност и да ја преиспита одлуката за настап на турнирот, наместо ненамерно да придонесува за промоција на Фарските Острови“, порачаа од организацијата.

Од Кил, пак, јасно нагласуваат дека нивното учество има исклучиво спортски карактер. Извршната директорка на клубот, Ања Ниман, истакна дека целта е промоција на ракометот во регион каде спортот ужива огромна популарност.

„Нашето учество е исклучиво спортски мотивирано. Настапот на турнирот не претставува поддршка или оценка на политичките и општествените практики во земјата домаќин“, изјави Ниман.

Таа додаде дека клубот има долгогодишна посветеност кон заштитата на животната средина преку еден од нивните проекти и дека се обиделе да воспостават конструктивен дијалог со организацијата, но без успех.

И покрај критиките, засега нема индикации дека Кил ќе ја промени својата одлука, па германскиот великан ќе настапи на првото издание на „Нордик Куп“ како дел од подготовките за новата сезона.