Актуелниот шампион на Македонија, тимот на Ѓорче Петров, во дерби дуелот против Куманово славеше со 29:20 и ја продолжи серијата без загубен бод во Женската лига.
Ѓорче Петров сега е лидер кај дамите, има 18 бода на свое конто, потоа следуваат Вардар и Чаир со по 16, односно Куманово со 15 бода.
Една од најзаслужните за победата на Ѓорче Петров против вицепрвакот е голманката Слободанка Кицеска, која ги истакна своите импресии по добиениот дерби дуел.
,,Од самиот почеток знаевме дека не чека натпревар каде што залагањето и концентрацијата треба да се на врвно ниво 60 минути. Првиот дел од натпреварот не беше нашето најдобро светло, од технички грешки до избрзан напад и завршен шут. Во првото полувреме во склоп на лошата реализација примивме и неколку лесни голови кои одеа во полза на противникот. Второто полувреме беше друга слика и секако тоа го даде крајниот резултат. Сметам дека пресудни за победата беа последните 20 минути, периодот од 40 до 60 минута, како и физичката подготвеност, па понатаму ние го диктиравме темпото до самиот крај. Мотивацијата и истрајноста пресудија ние да го добиеме натпреварот. Секоја од девојките го даде својот максимум и сите одговорија на задачата што се бараше, секако со мали падови во играта. Победата е слатка и за нас е мотив плус за понатамошниот дел од сезоната”, изјави Кицеска.
Избраничките на Симе Симовски за следен ривал го имаат амбициозниот тим на Чаир, кој исто така нема пораз. Кицеска се надева дека со нејзините колешки ќе ја продолжат победничката серија и ќе останат непоразени.
,,Следен ривал во домашниот шампионат ни е тимот на Чаир, станува збор за екипа која воопшто не е за потценување, па така оваа недела не чека многу работа и подготовка за тој дуел. Победникот на таа средба ќе го одлучат дисциплината, истрајноста и мотивацијата. Пред нас ќе се 60 минути за надмудрување и пред се фер и коректна игра, па останува да видиме каков ќе биде исходот од тој дуел. Се надевам дека ќе ја продолжиме победничката серија и ќе останеме непоразени”, додаде Кицеска.
23-годишната голманка е задоволна од досегашниот тек од сезоната и вели дека најдоброто од Ѓорче Петров допрва доаѓа.
,,Што се однесува до досегашниот учинок, односно шест од шест, јас сум многу задоволна од екипата, девојките се одлични, пристапот на секој натпревар до сега е на професионално ниво, исто така и мотивацијата е голема, едноставно владее одлична позитивна атмосфера во екипата и тоа е голем удел во досегашните успеси. Секој меч со себе си носи и убави и лоши моменти, но и од двата треба да се извлече поука и тие грешки да се сведат на минимум за наредните натпреварувања во домашниот шампионат, како и за европските натпреварувања што допрва ни доаѓаат. Сакам да кажам дека јас цврсто верувам во мојата екипа и во нашето заедничко созревање и растење, најдоброто од Ѓорче Петров допрва доаѓа”, заврши Кицеска.
Ѓорче Петров кон средината на месец ноември ќе ги продолжи своите настапи во Европскиот Куп.
Јанкуловска: Го постигнавме тоа што го сакавме, слатка е победата во Куманово