Македонскиот тренер Владимир Глигоров ја комплетираше колекцијата домашни трофеи со Кастриоти на Косово. По освојувањето на Купот и шампионската титула, тимот од Феризај првпат во својата историја го крена и пехарот во Суперкупот на Косово. Тоа му беше и роденденски подарок, бидејќи денеска Глигоров го славеше својот роденден, па имаше двојна причина за радоста.
Владимир Глигоров продолжува да испишува успешна македонска тренерска приказна во Косово. Искусниот стратег за период од пет месеци со Кастриоти ги освои сите три домашни трофеи – Купот, првенството и Суперкупот.
Последниот успех беше остварен во неделата вечерта во преполната сала „Бил Клинтон“ во Феризај, каде Кастриоти пред повеќе од 2.000 гледачи ја совлада Беса Фамгас со 27-26.
Финалето понуди вистински ракометен спектакл и драматична завршница. Беса имаше предност во поголемиот дел од првото полувреме, во еден момент водеше и со четири гола, но на паузата резултатот беше израмнет, – 14-14.
Тимот од Пеќ подобро го започна и вториот дел и стигна до водство од 20-15. Избраниците на Глигоров, носени од поддршката од трибините, не се предадоа и постепено ја намалуваа негативата.
Патрик Грегуловски во 60. минута погоди за израмнување, Беса не го реализираше последниот напад, а на спротивната страна Јетон Бислими стана херој на Кастриоти. Тој во последните секунди го постигна победничкиот гол за 27-26 и го донесе првиот Суперкуп во клупската историја.
Грегуловски беше најефикасен кај победникот со шест гола, додека Бислими постигна пет. Кај Беса, Дениз Терќизи имаше осум погодоци, а Илир Истрефај, Јон Муќоли и Јасин Хенахен по четири.
Три трофеи за пет месеци
Големата серија на Глигоров и Кастриоти започна на 26 април, кога во финалето на Купот на Косово ја совладаа токму Беса Фамгас со 28-27. И тој натпревар беше решен во последните секунди – голманот Вади Чеби забележа клучна одбрана, а Албан Хазири го постигна победничкиот гол на шест секунди до крајот.
Со тој триумф Кастриоти третпат по ред го освои Купот на Косово. Само еден месец подоцна пристигна и шампионската титула. Кастриоти ја доби финалната серија против Раховец со 3-1, а на решавачкиот четврти натпревар славеше на гостински терен со 25-23.
Тоа беше прва шампионска титула за клубот од Феризај по пауза од 15 години и вкупно шеста во неговата историја. Двојната круна во сезоната 2025/26 сега беше надградена и со историскиот прв трофеј во Суперкупот.
Глигоров се врати на клупата на Кастриоти во јуни 2025 година, со јасна задача да го врати клубот на врвот на косовскиот ракомет. Малку повеќе од една година подоцна, македонскиот стратег успеа целосно да ја оствари поставената цел.
Искусниот тренер во минатото беше селектор на женската репрезентација на Македонија, како и предводник на репрезентациите на Саудиска Арабија, Сирија и Либан. Работеше и во повеќе македонски суперлигаши, меѓу кои Голден Арт и Вардар Неготино.
Сепак, периодот во Кастриоти веќе претставува едно од најуспешните поглавја во неговата кариера. Под водство на Глигоров, клубот од Феризај освои сè што можеше да се освои на домашната сцена – првенство, Куп и Суперкуп.
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.

























